Коридорот 8 одамна е многу повеќе од обична транспортна рута, тој е стратешки европски коридор. Ова во своето излагање на Меѓународната конференција за Коридорот 8 што се одржа во Софија го истакна министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој воедно нагласи дека како овој проект има суштинска важност и затоа е потребно тој што побрзо да биде завршен.
„Нашата порака е многу едноставна. Коридорот 8 е многу повеќе од само транспортна рута, тој е стратешки европски коридор кој го поврзува Јадранското Море со Црното Море. Ги поврзува пазарите, економиите и луѓето и најважно ги зајакнува врските, како што спомена и еврокомесарката Кос, меѓу Западен Балкан и Европската унија. За мојата земја Коридорот 8 е јасен национален стратешки приоритет“, порача Тимчо Муцунски.
Според бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова оцени дека денешната меѓународна конференција придонела за политички поттика на иницијативата.
„Овој коридор не е само една отсечка на картата, туку навистина е можност за поголема поврзаност во регионот, која треба да се разгледува од повеќе аспекти, како транспортен која е најочигледна, како и од аспект на безбедносен, воено-мобилен како и енергетски. Од друга страна овој коридор го гледаме и како можност на една мрежа од коридори“, порача Велислава Петрова.
За важноста на овој проект говореше и еврокомесарката Марта Кос која истакна дека транспортните врски се една од областите на кои Европа треба да работи во процесот на подготовка за проширувањето. Рече дека ЕУ само во Македонија и Албанија го поддржа Коридорот 8 со 319 милиони евра.
„Една од областите на кои треба да работиме се транспортните врски низ нашиот континент. Тие ги поврзуваат луѓето, го скратуваат времето на патување и ги намалуваат трошоците за водење бизнис и тоа не обединува нас Европејците. И тоа е токму тоа што Коридорот 8 сакаме да го направи, да ги поврзе Јадранското Море и Црното Море и да донесе придобивки за луѓето во Бугарија, Северна Македонија, Албанија и пошироко“, вели Марта Кос.
Коридорот 8 се протега од пристаништето Бари во Италија до пристаништата Вaрна и Бургас во Бугарија. Нејзиниот централен дел минува низ Македонија, преку Кичево, Скопје, Куманово и Крива Паланка. Инаку Муцунски изрази подготвеност Македонија да биде домаќин на следниот состанок за Коридорот 8.
