Претставки има за министри, носители на јавни функции, но и за министерствата, рече републичкиот омбудсман Насер Зибери во синоќешното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21. Зибери вели дека соработката со одредени ресори оди тешко, а најтешко им било со Агенцијата за национална безбедност.
„Има претставка и за работата на носители на јавни функции, кои, нема да кријам дека со одредени ресори соработката оди тешко, се разбира не за сите области и за сите проблеми, но, за одредени прашања, да. Министерството за здравство, министерството за труд, министерството за образование итн. и носители на други јавни функции како што се Агенцијата за национална безбедност со која имаме крајно некоординирана активност, односно затворање целосно кон барањата на Народниот правобранител. Агенцијата за разузнавање, обвинителства итн“, вели Насер Зибери.
Телевизија 21 испрати прашања до министерствата и другите институции кои ги наведе Зибери на што се должи несоработката помеѓу институциите и Народниот правобранител. Одговор добивме само од Министерството за здравство.
„Во изминатиот период има подобрување во комуникацијата со Народниот правобранител и се води подобра евиденција на примени и одговорени претставки. Исто така, редовно се подготвуваат одговори во законски предвидената процедура и во последните 6 месеци имало 25 претставки“, велат од МЗ.
Прашан за тоа колку пати до сега бил повикан во Влада за да извести на седница за неговите укажувања и забелешки, народниот правобранител Зибери вели:
„За жал Владата ниту еднаш ме нема покането. Да се расправа за информациите кои Народниот правобранител ќе ги поднесува према одредени институции кои ја попречуваат работата на Народниот правобранител. Најмногу е што прави Владата е писмено да ме информира дека е постапено, дека е поднесено барање до надлежната институција и дополнително институцијата да реагира односно да почне да соработува со институцијата Народен правобранител“, порача Насер Зибери.
Од Владата информираат дека генералниот секретар Методија Димовски остварил средба со народниот правобранител Зибери на 15. септември годинава на која што договориле враќање на праксата од 2015 година со што Генералниот секретаријат ќе биде во подобра позиција да ги следи укажувањата на народниот правобранител.
„Свесен за предизвиците во комуникацијата и соработката помеѓу државните органи и народниот правобранител, на 15 септември генералниот секретар Димовски оствари средба со народниот правобранител, Зибери каде беше покрена иницијатива за враќање кон претходната пракса, што ќе биде од интерес на сите засегнати страни, пред сѐ на народниот правобранител, а воедно и постапување согласно препораките и очекувањата на Европската Комисија. Воедно, Димовски го извести Зибери и дека Секретаријатот за европски прашања на неколку наврати нуди помош во обезбедување стручна и проектна поддршка за развивање сеопфатен и одржлив систем на евиденција“, велат од Влада.
Зибери се пожали и дека 1,5 година институцијата Народен правобранител е без заменици. Предлозите се веќе поднесени, со конкретни имиња, но во законодавниот дом никако да дојдат на ред.
