Министерството за здравство соопшти дека состојбата со епидемијата во Гостивар е стабилна и дека надлежните здравствени институции продолжуваат внимателно да ја следат ситуацијата.
Според последните податоци, на 31 јули се регистрирани вкупно 60 први прегледи. Иако во однос на претходниот ден има мало зголемување, бројот останува значително понизок од пикот на епидемијата на 18 јули, кога биле евидентирани 649 прегледи.
Во периодот од 14 до 31 јули се регистрирани вкупно 4.543 први прегледи. Во меѓувреме, примени се 1.028 формални пријави за заразна болест, а изработени се 730 нови епидемиолошки анкети, што претставува опфат од 71 процент.
Во однос на западнонилската треска, од Министерството информираат дека до Институтот за јавно здравје нема новопријавени лабораториски потврдени случаи.
На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани тројца пациенти кај кои постои сомнение за западнонилска треска, а резултатите од лабораториските испитувања сè уште се очекуваат.
Министерството за здравство, во координација со Институтот за јавно здравје и останатите здравствени установи, најави дека ќе продолжи со засилен епидемиолошки надзор и навремено ќе ја информира јавноста за сите нови сознанија.
