Министерство за здравство воведува засилен епидемиолошки надзор во Гостивар и следење на вектор-преносливи заболувања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за здравство соопшти дека во Гостивар денеска се евидентирани 109 нови први контакти поврзани со актуелната епидемиолошка состојба. Во изминатите четири дена бројот на нови контакти се движел меѓу 80 и 125 дневно, додека вообичаениот јулски просек во претходните години изнесувал околу 25 случаи.

Досега се регистрирани 869 формални пријави, а епидемиолошка анкета е спроведена со 622 лица.

По препорака на Комисијата за заразни болести, Министерството воведува засилен здравствен надзор во постакутната фаза на епидемијата. До јавните здравствени установи и матичните лекари ќе бидат испратени упатства за навремено препознавање и следење на евентуални случаи на хепатит А, хепатит Е и други заразни заболувања.

Истовремено, се спроведува анализа на текот на епидемијата и на системот за пријавување, со цел дополнително унапредување на здравствениот надзор.

Комисијата за заразни болести ја разгледала и состојбата со вектор-преносливите заболувања. Годинава се потврдени четири случаи на маларија, три случаи на денга и еден случај на зика, сите кај лица кои престојувале во тропски земји. Регистрирани се и осум случаи на западнонилска треска, главно кај повозрасни лица со придружни заболувања.

Од Министерството апелираат граѓаните кои патуваат во тропски предели да ги почитуваат препораките за вакцинација и заштита, а матичните лекари при прегледите да обрнат внимание на податоците за неодамнешни патувања. Истовремено, во соработка со надлежните институции продолжуваат контролите на дезинсекцијата во општините.