Министерството уверува: Нема недостиг на лекови за ретки болести

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за здравство уверува дека пациентите со ретки болести редовно ја добиваат потребната терапија и дека во моментов нема недостиг на лекови. Од институцијата велат дека досега не е пристигната ниту една официјална реакција од пациенти за недостиг на конкретен медикамент.

„Министерството за здравство продолжува со континуирано обезбедување терапија за сите пациенти, вклучително и пациентите со ретки болести“, се наведува во реакцијата.

Од Министерството појаснуваат дека новиот Закон за лекови предвидува побрзи процедури за одобрување и регистрација, преку модернизација на системот и скратување на времето за достапност на терапијата. Дополнително, ќе се воспостави и систем за следење на снабдувањето со цел да се спречи евентуален недостиг.

Како дел од реформите, воведен е и тригодишен модел на јавни набавки, кој ќе започне да се применува од 2026 година и се оценува како значаен чекор за пациентите. Воедно, техничката спецификација е проширена со 12 нови лекови.

Со новата јавна набавка, државата презема обврска да обезбеди вкупно 72 лекови, што претставува значително зголемување во однос на претходните години. Со тоа се зголемува и бројот на пациенти кои ќе добиваат бесплатна и современа терапија преку Програмата за лекување на ретки болести.