Владата реши како ќе ги враќа парите од „солидарниот данок“ – Министерството за финансии понуди исплата во две рати без камата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По укинувањето на Законот за солидарен данок од страна на Уставниот суд, Министерството за финансии понуди план за враќање на средствата кои компаниите ги уплатија во буџетот. Станува збор за над 49,2 милиони евра што ги платија 156 фирми.

Предлогот е парите да се исплатат на две рати.

„Првата исплата да биде во март 2026 година, а втората во март 2027 година, без дополнителни побарувања од страна на даночните обврзници“, наведува Министерството за финансии.

Ако компаниите се откажат од каматата, грубо пресметано тоа ќе значи државата да не плати дополнителни околу 15 – тина милиони евра. Во случај да се бара каматата, ќе се примени членот 266 – а од Законот од облигациони односи кој предвидува камата која се пресметува по моделот референтната каматна стапка на Народната банка која во моментов е 5,35 отсто плус 10 насто или вкупно 15,35 на годишно ниво.

„Стапката на казнената камата се определува за секое полугодие и тоа во висина на каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар на Народната банка на Република Македонија (референтна стапка), што важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие, зголемена за десет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за осум процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата), стои во членот 266-а во Законот за облигациони односи.

За фирмите што нема да го прифатат овој предлог, предвидена е исплата на повеќе рати – но не повеќе од пет, со почеток од март 2026 година.

„Согласно задолжението на Владата, доколку правните лица не се задоволни од доставениот предлог за враќање на парите, да се изнајде соодветен начин на враќање на средствата кој ќе биде на повеќе рати (не повеќе од пет) со почеток од март 2026 година. Во моментот компаниите доставуваат одговори во кој се изјаснуваат за предлогот доставен од Министерството за финансии.“, додаваат од институцијата.

Во наредниот период одговорите ќе бидат разгледани, а потоа Министерството ќе ја информира Владата за понатамошните чекори.
Инаку, Министерството за финансии постапува врз основа на одлуката на Уставниот суд донесена на 5 февруари годинава.