Министерството за здравство за смртта на двегодишното дете: И покрај максималните напори на медицинскиот тим, повредите беа многу тешки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за здравство се огласи по повод смртта на двегодишното дете, кое било сериозно повредено од страна на метално страно тело (најверојатно заталкан куршум). Од таму велат дека и покрај сите напори, исходот на крајот бил трагичен. Испратија и сочувство до семејството и најблиските.

„Двегодишното детето беше примено на Ургентниот центар, а поради сериозноста на состојбата беше згрижено на Клиниката за неврохирургија, на одделот за интензивна нега, се интубираше, поставено на механичка вентилација, ординирана антибиотска и антиедематозна терапија, 24-часовен мониторинг.

Интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволуваше хируршко лекување.

И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот од страна на метално страно тело.

Изразуваме најдлабоко и искрено сочувство до семејството и најблиските во овие неизмерно тешки моменти.

Уште еднаш апелираме до сите граѓани, новогодишните празници да се одбележуваат мирно и достоинствено, без употреба на пиротехнички средства, петарди, а особено без користење огнено оружје. 

Последиците од ваквото неодговорно однесување се сериозни и, за жал, можат да бидат и фатални.“, стои во соопштението на Министерството за здравство.