Министрите кај Кочоска по пари: Според премиерот за ребалансoт на буџетот не е рано, туку на време

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ребалансот на буџетот не е рано како што коментираат експертите, туку ќе биде на време како и секогаш. Според премиерот Христијан Мицкоски за тоа од каде ќе се крати, а каде ќе се додаваат пари од државната каса ќе се знае во јуни. Очекува ребалансот да се донесе во јули. 

„Она кое што јас го знам е дека е вообичаена процедура да во периодот на јуни месец отпочнат процедурите и таму некаде околу јули месец да се донесе ребалансот на Буџетот. Впрочем така беше и во 24-тата и во 25-тата година. До крајот на годината ќе имаме уште една конечна прераспределба на буџетот, некаде ноември и тоа  е вообичаена процедура која што трае“, вели Христијан Мицкоски.

Но, министерката за финансии Димитриеска-Кочоска вчера најави дека веќе почнале подготовките за ребалансот на буџетот. Прв во Министерството за финансии на преговори за пари бил министерот за здравство Азир Алиу, но состаноците продолжиле и со другите ресори. Во интервју за МИА министерката кажа дека со ребалансот нема да бидат засегнати ставките што придонесуваат за економски раст и мерките за поддршка на граѓаните.

„Да, од почетокот на оваа недела почнавме со состаноци со буџетските корисници во однос на подготовката на ребалансот на буџетот за 2026 година со цел да ги утврдиме приоритетите на кои ќе дадеме фокус до крајот на годината имајќи ја предвид притоа и неизвесноста предизвикана од геополитичките случувања и војната на Блискиот Исток“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.

Кочоска тврди ќе се остане во рамката утврдена со фискалната стратегија за периодот 2027 – 2031 година, која неодамна ја усвои Владата. Документот стигна во Собрание, а Владата во него со нови полоши прогонози за домашната економија. Наместо првично проектираните 3, 8%, домашната економија годинава се очекува да испорача раст на БДП од 3, 5%. Го нема ниту оптимизмот за инфлацијата, па сега очекувањата се дека наместо 2, 5% колку што беше проектирана за  годинава, таа да се зголеми на 4, 5%. Според премиерот пак, секаде во светот инфлацијата се зголемува, и ако се спореди со 2022- рата година тогаш била два пати поголема од сега.