ДУИ во текот на денешниот ден одржа состанок на Централното раководство. На состанокот присуствуваа Муса Џафери, потоа Блерим Беџети – кој го претставува огранокот на Сарај, и Изет Меџити кој како што е познато има отворен конфликт со првиот вицепремиер Артан Груби. Состанокот почна на пладне, а по неколкуте паузи портпаролот на партијата Бујар Османи излезе пред медиумите и изјави дека се дебатирало за актуелната ситуација во земјата без да прецизира детали.
„Ова е состанокот на Централното раководството за шест месеци од основањето на извршната власт и сега е направена традиција членовите на извршната власт да дадат извештај пред раководството за нивната работа и секако да се слушне мислењето на раководството за работата на извршната власт“, изјави Бујар Османи – портпарол на ДУИ.
Што се однесува до преписките помеѓу Изет Меџити и вицепремиерот Артан Груби, Османи вели дека тие имаат различни мислења.
„Секогаш во ДУИ имало различни мислења и тие се охрабрени од претседателот на ДУИ бидејќи ДУИ е жива партија каде е дозволена внатрешната дебата, партија која секогаш се освежува со нови идеи“, изјави Бујар Османи – портпарол на ДУИ.
Османи негираше дека се разрешени или дека е сменет кадарот на овој состанок, притоа додаде дека министрите дале отчет. Именувањето на Артан Груби како вицепремиер беше критикувано од неколку ограноци од ДУИ, но беше побарано и отчет. Најавената интерпелација од Изет Меџити за Груби, се уште не е поднесена во Собранието.
