Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за здравство, Сашко Клековски, го посетија Гостивар за одблиску да ја следат состојбата по загадувањето на водата за пиење.
Експерти од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје започнаа со анализа на водоводната мрежа и квалитетот на водата, а се очекува да започне и хиперхлорирање на системот, со цел најнапред да се обезбеди вода за техничка употреба, а потоа и за пиење.
Нови примероци од водата се земени на повеќе локации во градот, а првичните резултати се очекува да бидат објавени утре.
Во меѓувреме, до граѓаните е упатен апел и понатаму да не ја користат водата од водоводната мрежа сè додека надлежните институции не потврдат дека таа е безбедна за употреба.
