Пред платото на Министерството за одбрана и Генералштабот, по повод 18. Август – Денот на Армијата, се одржа свечен собир на припадниците на Армијата и вработените во одбраната, на кој говореа министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Во пресрет на роденденот на Армијата, Мисајловски им се заблагодари на вработените, истакнувајќи дека нивниот труд, посветеност и професионалност овозможуваат Армијата да биде една од најорганизираните институции во државата. „За сите нас, за Македонија, успехот ќе ни биде загарантиран само ако продолжиме посветено да работиме, да продолжиме да функционираме како едно големо семејство кое го обединува заедничка цел: Македонија да продолжи да се развива и да изградиме подобра држава за следните поколенија“, нагласи тој.
Мисајловски на вработените им порача дека ќе продолжат да бидат вреднувани затоа што тие се столбот на одбраната. „Носиме одлуки кои ќе нè направат посилни и токму затоа сакам да нагласам дека работиме и на повисоки плати и подобри услови за работа“, рече Мисајловски.
Началникот на Генералштабот, генералот Лафчиски во обраќањето истакна дека 18 Август е денот кога се слави воената професија, која се темели на чест, дисциплина, одговорност, лојалност, професионализам и патриотизам.
„Тоа се вредностите по кои секојдневно се препознаваме – вредности кои се во кодот на секој Армиски припадник. Генералот Лафчиски наведе дека изминатата година беше година на значајни резултати и потврда дека Армијата продолжува да ги развива своите способности и да ги исполнува највисоките национални и НАТО стандарди, истакнувајќи „Зад секој од овие резултати стои многу работа, соработка, координација, планирање, реализација и извршување“, истакна Лафчиски.
Делегација од Министерството и Генералштабот, заедно со семејствата на загинатите бранители, положија и свежо цвеќе пред спомен-обележјето на загинатите бранители пред зградата на Министерството. Претходно, на градските гробишта во Бутел, владина делегација предводена од министерот положи венци на партизанските гробишта и на вечните почивалишта на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Глигоров и на генералот Михаило Апостолски.
На свечениот собир присуствуваа високи функционери и старешни од Армијата и МО и останати гости. Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се реализира утре во Центарот за обука на вода – Биљанини извори во Охрид, соопштија од Министерството.
