Мисајловски: Илинден е темелот врз кој е изградена современата македонска држава

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во име на вработените во Министерството за одбрана и во негово лично име, упати искрени честитки по повод 2 Август – Илинден.

„Нашиот најголем празник и најсветлиот датум во националната историја нè потсетува на највозвишените идеали – слобода, самобитност, патриотизам и љубов кон татковината.

Илинден е темелот врз кој е изградена современата македонска држава. Од херојството на илинденците и визијата со која беше издигната Крушевската Република, преку државотворните одлуки на АСНОМ до денес, се протега една иста идеја – Македонија да биде слободна, суверена и независна држава.

Таа идеја живее и денес во секој од нас, затоа што слободата и мирот што ги уживаме се платени со жртвата на нашите предци. Денешниот празник нè обврзува да ги чуваме вредностите на единството, солидарноста, слободата и меѓусебното почитување, градејќи општество во кое секој граѓанин ќе има можност достоинствено да живее и да придонесува за заедничката иднина.

Во духот на славното илинденско наследство, да продолжиме со мудрост, единство и решителност да ја градиме Македонија како држава на мирот, демократијата, просперитетот и надежта за идните поколенија.

Нека илинденскиот пламен секогаш ни го осветлува патот кон единство, напредок и мир.

Нека ни е честит 2 Август – Илинден!

Нека ни е вечна Македонија!“, рече Мисајловски.