„Не дофрлувај од таму читајте си го Деловникот и ќе видите страна 17 и видете ги членовите и ќе видете што е што. А, не Талат Џафери и престанете да дофрлувате од место“
Тензична атмосфера откако спикерот Талат Џафери не ги стави на дневен ред интерпелациите иницирани од опозицијата за министерот за правда, Бојан Маричиќ и вицепремиерот Љупчо Николовски. Собранискиот спикер, Талат Џафери објасни дека интерпелациите биле на дневен ред на 36 седница кога се гласаа Законите за петтиот економски пакет и со согласност на опозицијата тие се тргнати од дневниот ред.
„Вие баравте да се тргне од таму и не можете сега да ја вратите. Вие можете да поднесете нови иницијативи и тоа е не спорно. Но, не ги ставам на гласање предлогот тоа е спротивно на деловникот. Не ги ставам“, посочи Талат Џафери.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на прес конференција изјави дека парламентарното мнозинство намерно ја тргна интерпелацијата од дневен ред за да нема дебата за неуспесите на овие две ресори.
Пратеникот на СДСМ, Јован Митревски рече дека не избегнуваат дебата за интерпелациите туку опозицијата не делувала според собранискиот Деловник.
Инаку последна на дневен ред на денешната седница е интерпелацијата на првиот човек на МВР, Оливер Спасовски.
