Мицевски: Власта има намера да протне 12 нови закони злоупотребувајќи го европското знаменце, меѓу нив и Законот за марихуана

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, денеска од Собранието реагираше за носењето на законите во следниот период. Тој кажа дека уште еднаш власта го злоупотребува европското знаменце за носење на закони, меѓу кои и законот за марихуана.

„Продолжува теророт на власта со злоупотребата на Европското знаменце при носењето на законите во Собранието на Република Македонија.

                 Власта предводена од Заев и СДСМ стана синоним за кршење на процедурите и Деловникот со цел протнување на ненародни, недемократски и непопуларни закони. Шверцерското носење на закони во Собранието, стана одлика на владеењето на оваа ненародна власт.

                 Имено, сакаме да ја информираме јавноста дека власта и владејачкото мнозинство во наредните денови, има намера да протне 12 нови закони злоупотребувајќи го токму европското знаменце. На тој начин, власта има за цел да си донесе закони без отворена дебата и суштинска дискусија за законите. Власта има за цел да ја оневозможи опозицијата овде во Собранието, да даде издржани и аргументирани забелешки. СДСМ и Заев сакаат сите овие закони да ги протнат без дискусија, шверцерски и недемократски.

                 Меѓу законите кои владејачкото мнозинство планира да ги протне е и Предлог – законот за контрола на опојни дроги попознато во јавноста како Закон за марихуана. Колку за информација, овој предлог-закон, власта предводена од Заев, упорно се обидува да го протне во Собранието со една и единствена цел, а тоа е интересот на фамилијата Заеви, познати во бизнисот со производство и доделување на лиценци за одгледување на марихуана.

                 Уште еден закон кој е со европско знаменце е обемниот Закон за парнична постапка кој што има повеќе од 500 членови. За да ви биде појасно, проблемот во постапката со овој Закон е тоа што усогласувањето со правото на ЕУ се однесува на само неколку членови од вкупно 500тини. Ова е класична злоупотреба на европското знаменце и демонстрирање на самоволие од страна на власта.

                 Уште еден контроверзен Предлог – закон со кој власта има намера да го манипулира системот на избор на судии и јавни обвинители е Предлог-законот за академија на судии и јавни обвинители. Овој закон, првично пред десетина дена беше поднесен во редовна постапка, па беше повлечен, за сега магично и преку ноќ, истиот да се поднесе со европско знаменце. Очигледно, некому му пречи дискусијата од опозицијата и очигледно на некому многу му се брза при изборот на судии и јавни обвинители.

                 Како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и како одговорна партија, апелираме до власта и владејачкото мнозинство да престанат да ја уриваат парламентарната демократија и конечно да престанат со шверцерското носење на законите.

                 Оттука, ги повикуваме да го почитуваат Деловникот на Собранието и да ги презакажат матичните комисии каде што сите овие закони ќе бидат разгледани во нормална и редовна постапка, со дебата и дискусија и од пратениците од опозицијата.“, рече Мицевски.