Доколку Груевски се појави во Македонија тој ќе биде пратен во затвор на отслужување на казната, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој ова го изјави откако новиот унгарски премиер Петар Маѓар кој со убедливо водство го симна од власт Виктор Орбан, вчера и отворено најави дека ќе расчисти со, како што рече меѓународни криминалци притоа спомнувајќи го и Никола Груевски за кого истакна дека ќе најде начин да го екстрадира. Премиерот Мицкоски вели дека нема никакви очекувања за тоа дали ќе се врати и кога ќе се врати Груевски и дека Македонија има побарано негова екстрадиција уште во 2018 година.
„Доколку Никола Груевски се појави во Македонија тој има правосилна пресуда и тој веднаш откако ќе се појави во Македонија нормално, органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на отслужување затворска казна која што е согласно правосилна одлука. Ние сме Влада за која што сите закони важат и Влада која што мора да ги почитува законите и институциите во државата, а нормално секое лице има право да ги користи институциите да ги користи своите права да поднесува потоа жалби и така натаму“, изјави Мицкоски.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче ја поздрави одлуката на Маѓар и рече дека Груевски мора да се врати и да одговара, притоа прашувајќи дали Министерството за правда има поднесено барање за екстрадиција на Груевски. Филипче притоа обвини дека и кредитот од Унгарија и другите бизнис зделки од областа на телекомуникации и енергетика се за лични интереси на Мицкоски.
„Доаѓа време за одговорност. Сите овие договори мора да бидат детално истражени. Граѓаните на Македонија мора да знаат кој точно стои зад медиумите, телекомуникациите, кредитите, инфраструктурата и сите одлуки што се носени во нивно име. СДСМ ќе бара целосна истрага на сите бизнис комбинации меѓу Орбан и Мицкоски“, рече Филипче.
СДСМ живее како Алиса во земјата на чудата односно во земјата на лагите и конструкциите, врати Мицкоски. Договорот за трет мобилен оператор е јавна процедура на која 4IG се пријави на отворениот повик на Агенцијата за електронски комуникации, рече тој.
„Слободно може да си бараат, ќе си добијат се што можат институциите да им дадат како параметар. Компанијата 4 IG која што патем речено е партнер со германската Рајнметал и со Спејс Икс на Елон Маск уплати веќе 9 милиони евра и се стекна со правото да биде трет мобилен оператор“, рече Мицкоски.
Мицкоски победата на Маѓар му ја честиташе дури денеска и тоа на одговори на новинарските прашања. Тој притоа рече дека апсолутно не очекува промена на односите со Унгарија.
