Албанскиот јазик не е загрозен туку напротив тој се унапредува, истакна премиерот Христијан Мицкоски откако вчера претседателката на албанското Собрание Елиса Спиропали забележа околу тоа дека загрозувањето на албанскиот јазик е загрозување на албанскиот идентитет, алудирајќи јасно на најавите за преиспитување на уставноста на законот за албанскиот јазик. Мицкоски вели дека тој лично го почитува албанскиот јазик и дека немаме отворени прашања со Албанија.
„Ние го почитуваме тој идентитет и посебноста и на албанскиот јазик, македонскиот јазик и сите останати јазици кои што ги користат граѓаните ги почитуваме, јас лично ги почитувам. Вчера градоначалникот на Битола кој што е од ВМРО-ДПМНЕ и посака добредојде во Битола на претседателката на албанскиот парламент токму во една таква институција која што е значајна за албанскиот јазик така што не само што не е загрозен , туку е и надграден“, порача Христијан Мицкоски.
Но вчера токму Спиропали говореше дека албанскиот јазик за Албанците е свет и има врска со суштината на идентитетот.
„Неговото кршење во која било форма, очигледно многу боли и го нарушува токму овој идентитет на кој му пристапуваме во овој голем свет, во регионот и пошироко, како наша вредност. Целосно ја препознаваме и ја разбираме загриженоста на албанскиот фактор за можноста од можни промени, во зависност од очекуваната одлука на Уставниот суд, но очекуваме дека ваквите нарушувања ќе имаат решение согласно духот што го диктира Охридскиот рамковен договор“, вели Елиса Спиропали.
Ваквиот став на Спиропали го коментираше Блерим Беџети од ДУИ кој во вчерашното издание на Клик плус на ТВ21 рече дека голем срам за Македонија е што претседателката на Собранието на Албанија изразува загриженост за употребата на албанскиот јазик.
„Не знам дали има нешто понавредливо од тоа да дојде претседателката на Собранието на Албанија и да им се обрати на институциите, велејќи им да внимаваат со албанскиот јазик. Ако не е проблем, зошто има потреба да го каже тоа? И тие грешат!? И институциите на Република Албанија грешат што апелираат и изразуваат загриженост за законот за албанскиот јазик!?“, вели Блерим Беџети.
Славјанка Петровска пак од СДСМ вели дека доколку се отворат вакви прашања како за албанскиот јазик треба да се седне и да се разговара.
„Пораките се јасни мислам дека и ние овде како пратеници и политички партии кои функционираме во нашата држава сме свесни за значењето, сите прашања кои се отвораат, се отвориле, па сме ги затвориле со носење на одредени закони и така натаму, доколку повторно се појави од било која причина некаков недостаток или можеби потреба за дискусија треба да седнеме и да ги дискутираме“, вели Славјанка Петровска.
За тоа дали има можност да се суспендира законот за јазиците, вчера говореше и лидерот на ДУИ Али Ахмети кој порача дека не треба да се гледа назад туку да одиме напред и да воспоставиме траен мир а не да се создаваат длабоки кризи.
