Премиерот Христијан Мицкоски најави темелна истрага за случајот со враќањето на пасошот на бизнисменот Борче Марковски, оценувајќи дека во постапката имало „груба манипулација“ и најавувајќи дека лично ќе го следи целиот процес.
Говорејќи пред новинарите при посетата на Клиничката болница во Битола, Мицкоски изјави дека постојат сериозни разлики меѓу извештајот на надлежното Основно јавно обвинителство и записникот што бил доставен од Вишото јавно обвинителство во Битола.
„Јас вчера го следев случајот и малку се заинтересирав. Мислам дека тука има груба манипулација од еден локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, кој е соучесник во овој процес. И тоа нема така да заврши“, изјави премиерот.
Тој посочи дека засега нема да изнесува имиња, бидејќи, како што рече, институциите допрва треба да ја спроведат истрагата.
„Наскоро ќе има истрага затоа што од страна на надлежното Основно јавно обвинителство имаме поинаков извештај од тој што е приложен како записник од страна на Вишото јавно обвинителство во Битола. Ова нема така да заврши. Ова лично јас ви го гарантирам и лично ќе го следам овој случај“, нагласи Мицкоски.
Случајот предизвика внимание откако Основниот суд во Струга му го вратил пасошот на обвинетиот бизнисмен Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, а само еден ден подоцна тој ја напуштил државата преку граничниот премин Табановце.
Марковски е првообвинет во предметот што се однесува на наводни злоупотреби при јавна набавка во РЕК „Битола“, вредна околу 1,7 милиони евра. Премиерот очекува надлежните институции целосно да ги утврдат околностите под кои било донесено решението за враќање на патната исправа и евентуалната одговорност на сите инволвирани лица.
