Намалувањето на цените на основните прехранбени производи ќе биде тема на денешната средба меѓу Владата и претставниците на маркетите, дистрибутерите и трговците. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека на состанокот ќе побара компаниите да ги коригираат цените по завршувањето на кризата на Блискиот Исток.
Мицкоски порача дека очекува трговците да покажат одговорност кон граѓаните, кои според него во изминатиот период покажале трпение и толеранција.
„Мојата порака ќе биде јасна – завршува кризата, граѓаните беа толерантни, сега е ред тие да им се оддолжат на граѓаните и веднаш да ги намалат цените на производите, особено на основните прехранбени производи“, изјави премиерот.
Тој нагласи дека доколку не дојде до намалување на цените, Владата ќе ги искористи механизмите што ѝ стојат на располагање.
„Оправдување и изговори не прифаќам. Доколку не се види реакција од страна на маркетите, дистрибутерите и производителите во следните денови, тогаш ние како Влада ќе реагираме и тоа на подолг рок“, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека доколку биде потребно, Владата јавно ќе ги објави компаниите кои нема да направат корекција на цените.
На прашањето кај кои производи очекува најголемо намалување, Мицкоски посочи дека не може однапред да прецизира, но нагласи дека најголем фокус ќе имаат основните прехранбени производи. На состанокот, како што најави, ќе се прави и споредба на цените во земјава со оние во регионот.
Во однос на цените на горивата, Мицкоски изрази очекување дека Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе одлука за намалување на цените. Според него, бензините би можеле да поевтинат за околу 2,5 до 3 денари по литар, а дизелот до 7 денари по литар.
