Прашање на време е кога бегалците од правдата ќе се вратат, истакна премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ги потерниците за поранешните функционери Артан Груби и Васко Ковачевски. За тоа на што го темели ваквиот оптимизам, Мицкоски одговори:
„На искуството коешто вели дека правдата е спора, но секогаш доаѓа, порано или подоцна. Не мислам дека ќе има исклучок и во овој случај, имам такво чувство, па да видиме дали чувството ме лаже или не“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Во однос на недостапноста на Груби, Мицкоски неодамна апелираше обвинителите да го повикаат на разговор претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Ова следува откако Ахмети кажа дека Груби е на албанска територија, но потоа првиот човек на ДУИ за ТВ21 ја појасни изјавата.
„Лично немам контакт со Артан Груби и немам детални информации каде актуелно се наоѓа. Мојата изјава беше базирана на тоа што е јавно изјавено од претставници на Владата, но исто така и од фактот дека тој легално си ја поминал границата Македонија-Косово. Верувам силно дека секој граѓанин, вклучувајќи го и господинот Груби заслужува еден правичен и неселективен судски процес далеку од селективното применување на правото“, вели Али Ахмети, претседател на ДУИ.
Инаку, Мицкоски се осврна и на критиките за неажурност на обвинителите. Тој рече дека се одлучил веќе да не го коментира Обвинителството, но сепак има исклучоци.
„Кога ќе видам дека Обвинителството калкулира тогаш ќе си дозволам да го коментирам. Последниот пат тоа го направи министерот за внатрешни работи на прашањето „зошто немаше потерница за Васко Ковачевски“ и видов дека во следните ден-два се корегираше Обвинителството. Тоа значи дека нашите коментари имаат позитивна улога“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
За Груби и поранешниот директор „Државна лотарија“, Прпарим Бајрами веќе има меѓународна потерница зашто се осомничени за проневера на осум милиони евра. Што се однесува до ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, тој е еден од осомничените за проневери за набавка на адитиви за РЕК Битола. Од вчера и тој се најде на листата на лица со меѓународна потерница по наредба на Обвинителството.