Мицкоски: Да ја чуваме и градиме државата – да не дозволиме никој да ја понижува!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со свечено одбележување во селото Разловци, Општина Делчево, денеска беше одбележана 150-годишнината од Разловечкото востание. На настанот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, кој во своето обраќање упати пораки за единство, државност и почит кон историската жртва на востаниците.

„Да ја чуваме и да ја градиме државата. Да не дозволиме никој да ја понижува. Нека биде вечен споменот на хероите од Разловечкото востание. Нивната жртва нека биде наш завет. Нека биде вечна Македонија, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето по повод 150 – годишнината од кревањето на Разловечкото востание во село Разловци, Општина Делчево. Во говорот тој повика на обединување околу државните и националните интереси, затоа што, како што кажа, ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината и ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца“, рече Мицкоски.

Тој истакна дека Разловечкото востание претставува темел на народната борба за слобода и будење на националната свест.

„Денес сме овде, во Разловци, на оваа света земја, за да одбележиме 150 години од Разловечкото востание. Стоиме исправени пред историјата, пред жртвата и пред споменот на луѓето кои во едно тешко и мрачно време ја избрале најтешката, но и најсветата патека – патеката на слободата.

Разловечкото востание, потенцира тој, не беше само оружен отпор туку будење на народната свест. Тоа беше првиот силен крик на народот дека сака да живее свој на своето, достоинствено, слободно и исправено. Во овие села, по овие ридови и планини, се роди мислата дека татковината не е само земја, туку идеал за кој вреди да се страда, да се жртвува и да се живее“, нагласи премиерот Мицкоски.

Тој додаде дека денешната борба за државата се води на поинаков начин, но со иста суштина – преку работа, институции и единство.

„И токму затоа Разловечкото востание денес не е само историски настан. Тоа е темел. Тоа е првата искра која подоцна ќе прерасне во големиот пламен на револуционерната борба, во Илинден, во Крушевската Република, во сите жртви и сите генерации кои ја носеле татковината во срцето“, рече Мицкоски.

Историјата не е приказна затворена во учебници, таа е жива лекција, предупредување, завет, додаде тој.

„И кога денес се поклонуваме пред хероите од Разловци, мора да разбереме дека нивната борба не била само за тогашното време. Таа борба трае и денес, само во поинаква форма. Денес татковината не ја браниме со пушка во рака. Денес ја браниме со мудрост, со работа, со економски развој, со силни институции, со образование, со национално единство и со достоинствено водење на државата. Но, суштината останува иста – дали ќе имаме доволно храброст да останеме свои и да не дозволиме никој да одлучува наместо нас“, рече премиерот.

Во своето обраќање, Мицкоски упати и повик за обединување околу државните интереси и предупреди на историските грешки.

„Затоа денес, од Разловци, потенцираше тој, мора гласно да кажеме дека оваа држава не смее да биде држава на понижувања, отстапки и распродажби. – Овој народ премногу страдал за да дозволи некој лесно да тргува со неговата чест, идентитет и историја“, истакна Мицкоски.

На настанот се обрати и министерот за култура Зоран Љутков, кој нагласи дека „јунаците на Разловци не ја победија империјата, но ја победија тишината“.

Градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски најави иницијатива Разловци да биде заштитена историска целина и 19 мај да биде прогласен за неработен ден.

Свеченоста заврши со положување свежо цвеќе од бројни делегации пред Спомен-домот на Разловечкото востание.