Мицкоски: Детална истрага со бегството на Михаилова – НАТО и ЕУ ќе бидат запознаени за односот на Бугарија со овој случај

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонските институции ќе ја водат истрагата за да утврдат како и кој се е инволвиран во бегството на Ива Михаилова, особено и тоа дали во овој случај се вмешани и официјални личности од Бугарија. Министерката за надворешни работи Велислава Петрова Чамова негираше дека бугарските власти имаат било каква вмешаност во овој случај, на што Мицкоски искоментира „А што очекувате да кажат дека учествувале во такво нешто“. Мицкоски во гостувањето на Клик плус на ТВ21 рече дека за сето ова ќе бидат известени и НАТО и Европската унија. 

-Ние разговаравме со нашите меѓународни партнери. Ова ќе биде покренато и на состаноците на НАТО алијансата, бидејќи наш партнер во НАТО е денеска прибежиште на осудени криминалци и ние очекуваме во најскоро време тие да бидат испорачани на правдата. Но исто така ова ќе биде покренато и кај нашите партнери од Европската унија. Не би сакал осуден криминалец да биде причина за неспроведување на правдата, не би сакал да верувам дека моменталното политичко водство кај нашиот источен сосед ќе биде алиби за осудени криминалци од државата да бараат бугарски пасоши и преку илегални премини да бегаат и да бараат свое прибежиште таму, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски истакна дека овој случај нема да се дозволи да бидеме на било каков начин испровоцирани од нашиот источен сосед да ги напуштиме преговорите, туку дека напротив ќе се продолжи со барања за средби, за дијалог и барање решение за македонските евроинтеграции. Тој истакна дека во овој процес Македонија е предводник со тоа што во голем дел ги исполнува обврските од реформската агенда а дека тоа го потврди и самата еврокомесарка Урсула фон дер Лајен. 

-Не се фронтранери тие кои што ги спомнуваат Црна Гора и Албанија, ние сме вистинскиот фронтранер. Првиот момент кога ќе се одблокира процесот, фуриозно ќе поминеме во тој процес. Претседателката Фон Дер Лајен на прес конференцијата што никој не го кажува тоа, само тука во Македонија, во Скопје го кажа рече „you are doing impressive job“, значи импресивна работа, тоа не го кажа ниту во Подгорица, ниту во Тирана, ниту во Приштина, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Од СДСМ повторно со критики кон власта за пребегувањето на Михаилова во Бугарија и бараат одговорност од министерот Тошковски. 

-Границата е „швајцарско сирење“ по признание на Тошковски ама тој како министер што раководи со полиција и е надлежен за границата е заштитен. Христијан Мицкоски му обезбедува заштита на швајцарецот Тошковски. И обратно Тошковски му обезбедува заштита на Мицкоски и организираната криминална група. Полицијата наместо да му служи на народот и служи на бандата. „Кога-тогаш“ вели Мицкоски, значи одговорност нема од никој, велат од СДСМ.

За Ива Михаилова во земјава е отворен судски процес поради тешка сообраќајна несреќа во која животот го загуби едно лице.  Судот и одреди мерки одземање на двата пасоши македонскиот и бугарскиот и за сега се истражува на кој начин и со чија помош ја преминала границата.