Мицкоски: Додека не видиме испорака од Бугарија, нема да се поместиме ниту милиметар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Владата нема да направи никакви отстапки во однос на уставните измени сè додека не види конкретни чекори од бугарска страна во насока на исполнување на преземените обврски и почитување на европските вредности.

Неговата изјава доаѓа откако бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова, оцени дека Македонија треба да бара решенија наместо проблеми и повтори дека Софија нема да отстапи од договореното во 2022 година.

„Сè додека сум јас премиер, додека не видиме испорака од бугарска страна, ние нема да се поместиме ниту милиметар“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека Бугарија сè уште не ги спровела пресудите на Европски суд за човекови права кои се однесуваат на правата на Македонците во земјата.

Тој нагласи дека добрососедските односи мора да бидат засновани на взаемност и почитување.

„Добрососедските односи се двонасочна улица. Не можете да танцувате сами – или танцувате со партнер или немате партнер“, рече премиерот, додавајќи дека е загрижен од првичните сигнали што ги испраќа новата бугарска влада, но изрази надеж дека разумот ќе надвладее.

Мицкоски истакна дека Македонија постојано нуди решенија, но дека Софија има обврски кои остануваат неисполнети.

„На маса стојат најмалку 14 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур кои Бугарија не ги почитува. Ако сите се повикуваме на европските вредности, тогаш тие мора да важат за сите подеднакво“, рече тој.

Според премиерот, Македонија не бара привилегии, туку доследна примена на принципите врз кои се темели Европската Унија. Тој оцени дека евентуалното условување на евроинтегративниот процес со дополнителни барања би претставувало притисок што Владата нема да го прифати.

„Ако некој мисли дека за да бидеме дел од европското семејство мора безусловно да ги прифатиме сите нивни барања, тогаш оваа Влада нема да ја игра таа игра“, порача Мицкоски.