Наскоро ќе биде потпишан договорот со Велика Британија од околу 6 милијарди евра, за кој премиерот Христијан Мицкоски вели дека покрај политички бенефити има и економски придобивки. Со овие пари се планира изградба на пруга од Коридорот 10 рече Мицкоски, а наведе и проекти во здравството.
-Веќе два типа на проекти се договорени за работа. Едниот е реконструкција модернизација и изградба на уште еден колосек на пругата која што е дел од Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија и второто се група проекти практично во здравството, тоа е конечно завршување на Клиничкиот центар Штип заедно со Медицински факултет и студентски дом со 200 легла, конечно завршување на болницата во Кичево и реконструкција на Клиничката болница во Тетово, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче изрази сериозна загриженост и бара одговори за ова задолжување од околу 6 милијарди евра. Според Филипче договорот за стратешка соработка со Велика Британија е за поздравување, но според него, постапката на склучување на договорот е проблематична. Дали се знае колкава ќе биде каматата и зошто наместо ЕУ грантови владата постојано се задолжува.
-Огромна сума на пари, 6 милијарди евра, го надминува дури и нашиот буџет. Првото прашање е кое е потеклото на парите, дали парите се британски и директно од британската Влада или станува збор за фонд кој што е лоциран во Велика Британија па располага со пари од некоја друга земја. Второто прашање е колкава е каматата, дали знаеме колкава е каматата, дали Владата знае. Ваков начин на заем за вакви проекти, дефинитивно ја бележат оваа Влада како антиевропска, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Договорот со Велика Британија, Мицкоски го соопшти од Самитот во Тирана, по неговата средба со британскиот премиер Кир Стармер за кој најави дека ќе биде потпишан оваа недела.
