Премиерот Христијан Мицкоски очекува со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да разговара и за спорот со Бугарија и можноста Европската Унија да биде директно вклучена во разговорите меѓу Скопје и Софија.
Фон дер Лајен во петок ќе допатува во Скопје во рамки на турнејата низ Западен Балкан, а според Мицкоски, на средбата ќе се разговара за актуелната состојба со процесот на проширување, како и за предизвиците пред земјава на патот кон ЕУ. Европската комисија потврди дека фокусот на посетата е на следните чекори на европскиот пат и постепената интеграција на земјите од регионот.
Мицкоски вели дека Македонија е подготвена да разговара со Бугарија на секоја тема, но смета дека во разговорите треба да има и претставници на ЕУ, за аргументите на двете страни да бидат слушнати директно и објективно.
„Логично е да се седне и да се разговара во присуство на претставници од ЕУ затоа што треба да се слушнат аргументите објективно“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека досегашните разговори на билатерално ниво не дале суштински резултат и дека присуството на европски претставници би придонело за поголема транспарентност во процесот. Предлогот за поголема улога на Брисел во разговорите со Софија веќе е во фокусот пред посетата на Фон дер Лајен.
Мицкоски посочи дека доколку има несогласувања околу аргументите на двете страни, тие треба да бидат разгледани во присуство на претставници на европските институции.
„Ако нашите аргументи не држат, тогаш ние сме подготвени да ги прифатиме и другите аргументи. Но ајде да ги слушнеме аргументите, да зборуваме за повелбите на самата Европска Унија, за вредностите, за институционалната меморија“, изјави премиерот.
Во меѓувреме, бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека Софија останува отворена за конструктивен дијалог со Македонија, но нагласи дека напредокот кон ЕУ го поврзува со исполнувањето на преземените обврски и добрососедските односи.
Мицкоски воедно кажа дека во моментов нема комуникација со бугарскиот претседател Румен Радев.
