Мицкоски: ЕУ сфати дека некои земји го злоупотребуваат членството, затоа доаѓа предлогот да нема вето на почетокот на преговорите со кандидатите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека Европската Унија го препознала проблемот со злоупотребата на членството од страна на одредени земји за решавање прашања кои, според него, немаат поврзаност со европските вредности.

Како резултат на тоа, според Мицкоски, е предлогот на Европската комисија до Советот да се укине правото на вето во текот на преговорите за членство, додека тоа би останало само во моментот на одлучување за самото членство.

Мицкоски оцени дека ваквиот предлог претставува голема можност за Македонија, бидејќи земјата, како што посочи, веќе исполнува два од трите услови предвидени за постепена интеграција.

„Јасно е дека таму е разбрана ситуацијата, дека некои од земјите членки го злоупотребуваат своето членство во рамки на Европската Унија и се обидуваат да излезат надвор од рамките на пристапот кон членството заснован на заслуги и преку своето членство таму да решаваат одредени прашања кои немаат никаква поврзаност со европските вредности“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека првиот услов за постепена интеграција ќе биде специфичен за секоја земја и ќе се однесува на конкретни реформи кои треба да ги спроведе државата.

Вториот услов, според Мицкоски, е усогласена надворешна и безбедносна политика со ЕУ, за што тој вели дека Македонија веќе го исполнила условот.

„Вториот услов е земјата да има заедничка надворешна и одбранбена политика, нешто што, како што кажа и претседателката Фон дер Лајен, ние како држава први го направивме и веќе го имаме усогласено“, изјави премиерот.

Третиот услов се однесува на системот на јавни набавки и реформите во оваа област. Мицкоски најави дека оваа реформа треба да биде завршена и усвоена во Собранието во текот на следната недела.

„Значи, од трите услови, два ги имаме исполнето, а за првиот очекуваме да видиме што ќе ни биде доставено нам како држава од самата Европска комисија. Ние ќе направиме сè за да го исполниме и тој услов и да започне постепената интеграција, односно интеграцијата во заедничкиот пазар и така натаму“, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека постепената интеграција би отворила можности за Македонија да добие пристап до одредени сегменти од заедничкиот европски пазар.

Тој ја спореди идејата со ставот на Владата за уставните измени, односно тие да станат применливи во моментот кога земјата ќе ги заврши преговорите за членство.

„И ова е многу слично со она што ние го велиме кога станува збор за промена на Уставот – таа промена практично да стане применлива тогаш кога ние ќе ги завршиме преговорите“, рече Мицкоски.