Билатерална средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова, ќе се одржи утре во Софија, потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Средбата ќе се одржи во рамки на Меѓународната конференција на министерско ниво посветена на развојот и стратешкото значење на Паневропскиот коридор 8.
Мицкоски информираше дека официјалната потврда за средбата е добиена вчера, додека форматот и начинот на нејзино одржување дополнително ќе бидат утврдени преку дипломатски ноти.
„Во текот на вчерашниот ден добивме официјална потврда за билатерална средба, а форматот и начинот дополнително ќе бидат договорени, стои во дипломатската нота. Така што утре ќе има билатерална средба, ќе видиме во кој формат и како ќе изгледа таа средба, дали ќе биде pull-aside, дали ќе биде билатерална на маргините на Самитот за Коридорот 8“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека станува збор за мултилатерален настан и оти начинот на организација на средбата ќе зависи и од домаќинот.
Во однос на пораките што ќе бидат испратени на средбата, премиерот истакна дека Македонија ќе го потенцира дијалогот како начин за надминување на актуелната состојба.
„Нашите пораки се јасни, дека само со дијалог можеме да дојдеме до решение од оваа состојба во којашто во моментот се наоѓаме, дека ние сме за добрососедски односи и ние сакаме што побргу да ја реализираме нашата стратешка цел, да бидеме дел од Европската Унија, нешто што многу одамна го заслуживме“, истакна Мицкоски.
Осврнувајќи се на изјавата на бугарската претседателка Илијана Јотова, која повика повторно да се разгледа европската политика на проширување и проблемот да не се претставува само како билатерално прашање, Мицкоски рече дека добро ги познава европските вредности.
„Благодарам на советот. Јас во својата младост поминав многу години во самата Европска Унија и мене ми е многу јасна Европската Унија, јасни ми се вредностите на Аденауер, Шуман и Де Гаспери. Но, претпоставувам некои од земјите членки коишто се удобни во фотелјите во Брисел ги заборавија откако станаа земји членки“, рече премиерот.
