Мицкоски: Европа да не не дискриминира – Премиерот ќе бара од Фон дер Лајен на граница да поминуваме на брза лента

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европа да не нè дискриминира поради тоа што не сме дел од Европската унија -сите да поминуваме на брза лента  при пасошка контрола на аеродромите. Ова како прашање ќе го отворел премиерот Христијан Мицкоски во разговорите со претседателката на Европската комисија Фон Дер Лајен која во среда ќе ја посети земјава, но и со  колегите од Европската унија за време на Берлинскиот процес. Поводот е Електронскит систем за влез и излез од земјите од ЕУ кој почна да се применува од вчера и важи за сите граѓани кои доаѓаат од земји надвор од Шенген зоната, меѓу кои и Македонија.

„Ако навистина сакаме до 2030-та да го видиме регионот како дел од Европа, мислам дека Европа најмалку што треба да направи е да не дискриминира. Сите да можеме да бидеме граѓани на Европа и сите да можеме да поминуваме пасошка контрола и да не бидеме дискриминирани зошто не сме дел од ЕУ. Да поминуваме на брза трака сите поседуваме биометриски пасоши, ако како велат они- ако има волја има и начин. Еве ова нека биде првата испорака што би го дала Европската унија за Западен Балкан“, вели Христијан Мицкоски.

Премиерот побара побрзо да се разгледа иницијативата на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и нашата, да се олесни влезот и излезот на превозниците. Побара и зелената лента, која се најавуваше од Европската комисија, да профункционира.

Од Асоцијацијата на камионски транспортери претходно за ТВ 21 алармираа дека новиот систем ќе предизвика колапс на македонското стопанство и помали приходи во државниот буџет. А, ќе ги принуди камионџиите бизнисот да го селат надвор. Предупредија дека поради правилото за престој од 90 дена во границите на ЕУ, за неполни два месеци еден камионџија ќе го исполни лимитот.

„Веќе има кои што размислуваат и отвораат фирми надвор. Ќе се одрази на самите превозни трговски друштва, ќе се одрази на целото стопанство во нашата држава бидејќи ние увозот и извозот во државава која е увозно зависна е во 96% случаи се превезува по пат. Приливот на репроматеријали, трговски стоки па и лекови и други потреби кои што ги имаме целосно значи ќе се забават или ќе бидат прескапи заради тоа што ќе мора да се ангажираат некои странски превозници“, вели Билјана Муратовска.

Претседателот на Комората на Северозападна Македонија Нухи Алиу вели дека засега немаат добиено големи реакции од транспортерите.

„Големи поплаки немаме, има некои така поситни поплаки што требаат некои технички работи да бидат поедноставни за да може уште побрзо комуникацијата да биде реализирана“, вели Нухи Алиу.

Систем за влез/излез (EES), предвидува собирање биометриски податоци – фотографија од лицето и четири отпечатоци од прсти – за сите граѓани од земји надвор од Шенген зоната. Ќе се бројат деновите на престој кои не смеат да надминат 90 дена.