Податоците на Евростат покажуваат дека Македонија има едни од најниските цени на храната и пијалаците во регионот, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со податоците според кои цените на храната и безалкохолните пијалаци во земјава се за 25 проценти пониски од просекот во 36 европски земји.
Мицкоски посочи дека, според индексот на цените со референтна вредност 100, земјава се наоѓа меѓу државите со најниски цени во регионот.
„Евростат објави податоци засновани на индекс со референтна вредност 100, според кој нашата земја има најниски цени на пијалаците и храната, убедливо најниски во регионот. Со тоа се побиваат сите тврдења на оние кои со лоша намера во изминатиот период ширеа лаги и дезинформации“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека пред сè мисли на одредени претставници на синдикатите, за кои рече дека практично се партнери на опозициската коалиција.
„Секако, тоа не значи дека сите проблеми се решени. Сè уште има многу прашања на кои треба да се работи, бидејќи она што се случувало повеќе од 30 години не може да го решиме за две години. Сепак, поголемиот дел од проблемите се решени или се во процес на решавање“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата работела на стабилизирање на инфлацијата и дека, како резултат на тоа, земјава денеска, особено во третото тримесечје, има значително пониска стапка на инфлација во регионот, а, како што рече, можеби и во Европа.
„Претходно нè убедуваа дека инфлацијата е увезена, кога имавме стапка двојно повисока од просекот на Европската Унија. Денеска, кога имаме инфлација за 25 до 30 проценти пониска отколку во ЕУ, оние што нè убедуваа во тоа молчат, се сокриле некаде и повторно се обидуваат, како мрши што чекаат плен, да предизвикаат политичка штета преку лаги, измислици и конструкции. Но, се лажат“, изјави Мицкоски.
Премиерот се осврна и на изборите во Брвеница, посочувајќи дека резултатите, според него, покажуваат оти опозицијата ја губи поддршката кај граѓаните.
„Видоа што се случи во Брвеница – четири спрема еден, пет спрема еден. Ги губат изборите затоа што не можат да го потценуваат народот. Мислат дека граѓаните не ги паметат седумте години кога, според мене, ја ограбуваа и ја продаваа Македонија, кога ја уништија“, рече Мицкоски.
Според него, опозицијата се обидува да ѝ наштети на Владата преку дезинформации, додека граѓаните, како што тврди, се на страната на Владата и нејзините решенија.
