Поплави во Шпанија, има загинати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најмалку четири лица загинаа во катастрофалните поплави што го погодија источниот дел на Шпанија по поројните дождови донесени од бурата „Адам“, додека хеликоптери ги спасуваа заглавените луѓе од покривите на нивните домови, а властите им наредија на повеќе од 800.000 жители да не излегуваат надвор.

Обилните врнежи отсекоа од остатокот на земјата неколку градови долж медитеранскиот брег, каде што реките се излеаја од коритата и ги поплавија улиците.

Бурата најмногу ги погоди крајбрежните области на Андалузија, Мурсија, Валенсија, Балеарските Острови и Каталонија, каде што опасноста од ненадејни поплави е висока или многу висока, зависно од локацијата. Шпанските власти прогласија црвен метеоролошки аларм за „исклучителна опасност“.

„Влегуваме во најкритичните часови од бурата“, изјави Рубен дел Кампо, портпарол на Државната метеоролошка агенција, посочувајќи дека силните и влажни ветрови од Средоземното Море дополнително ја засилуваат непогодата. Националната метеоролошка служба ги оцени условите како „исклучително тешки“, со оглед на тоа што во некои области количеството врнежи во период од 48 часа надминало 600 литри на квадратен метар, што е највисоко ниво регистрирано од 1987 година.

Градоначалникот на Пего, Енрике Мол, изјави дека неколку лица сè уште чекаат да бидат евакуирани со хеликоптер од покривите на зградите, додавајќи дека сите патишта што водат кон градот се блокирани, а во некои области дури и тешката воена механизација не може да пробие. Заменик-градоначалникот на крајбрежниот град Олива соопшти дека спасувачките екипи им помагаат на заглавените жители, главно повозрасни лица кои останале заробени во своите домови.

Поради предупредувањата, наставата за повеќе од 100.000 ученици во Валенсија е прекината, а централната влада распореди вонредни спасувачки екипи на армијата и на националната полиција.