Мицкоски ги информирал и НАТО за бугарската дипломатска нота: Тоа е закана за безбедноста на моето семејство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во моментов не гледа простор за позитивен исчекор во односите со Бугарија во рамки на евроинтегративниот процес, оценувајќи дека пораките кои доаѓаат од Софија не оставаат простор за оптимизам.

Одговарајќи на новинарско прашање за можен напредок во разговорите со источниот сосед, Мицкоски рече дека наместо приближување на ставовите, состојбата дополнително се усложнува.

„Не, не очекувам. Сигналите кои доаѓаат од таму не ме прават оптимист, напротив, состојбата се радикализира“, изјави премиерот.

Како пример за тоа го наведе неодамнешниот случај со дипломатска нота испратена од бугарска страна, поврзана со приватен престој на неговата сопруга и малолетниот син во туристичкиот центар Пампорово.

Според Мицкоски, станува збор за невообичаен потег во дипломатската практика.

„Вчера видовме еден преседан во дипломатијата кога излезе дипломатска нота за тридневен престој на мојата сопруга со мојот помал син кај наши пријатели во Пампорово. Тоа е невообичаена пракса во светот на дипломатијата и можеби единствена како таква“, рече тој.

Премиерот посочи дека за случајот биле информирани и сојузниците од НАТО, додавајќи дека ваквите постапки, според него, можат да имаат последици врз безбедноста на неговото семејство.

„Со ова вадење на дипломатска нота се загрозува безбедноста на моето семејство“, нагласи Мицкоски.

И покрај тензиите во односите со Бугарија, тој порача дека Владата ќе остане посветена на спроведувањето на реформите, економскиот развој и исполнувањето на обврските од реформската агенда.

„Ние да останеме фокусирани на тоа што е наша задача, а тоа е да ја испорачуваме реформската агенда, да ги правиме реформите дома, да ја градиме економијата и да решаваме проблеми“, изјави премиерот.