Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата ги исполнува ветувањата и дека нејзините дела се во согласност со зборовите.
„Кога нешто велиме и кога нешто ветуваме, се трудиме тоа и да го реализираме. Во вистинската политика не треба да се импровизира. Подобро е да се молчи отколку да се каже нешто што не сте во состојба да го исполните“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека Северна Македонија има план и ги исполнува обврските како членка и сојузник на НАТО.
Мицкоски нагласи дека земјата планира до 2035 година да достигне ниво од 3,5 отсто одвојување за воени расходи, како и дополнителни 1,5 отсто за инвестиции во стратешка инфраструктура, како автопати, железници и енергетски преносни мрежи.
„Со гордост можам да кажам дека навистина имаме посветеност и план, и дека го следиме тој план“, рече премиерот.
