По зеленото светло што Собранието го даде за Информацијата за францускиот предлог за отворање на евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија, меѓу двете меѓувладини конференции Собранието мора да заврши уште една работа – да го промени Уставот со тоа што ќе ги вметне Бугарите во него. Тоа се прави со 80 пратенички гласови, кои во моментов парламентарно мнозинство ги нема. Сѐ уште останува нејасно како мнозинството ќе успее да го направи тоа, имајќи предвид дека првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ уверува оти ниту еден пратеник од неговата партија нема да гласа за уставните измени, за што дури имаат и заверено изјава кај нотар.
Од Алијансата за Албанците најавија поддршка за уставните измени, но бараат кога ќе се отвори Уставот да се отстрани дефиницијата 20% за Албанците. Според Арбен Таравари, по усвојувањето на францускиот предлог, доколку власта знае да ја изменаџира ситуацијата и најде компромис со опозицијата, тогаш има простор да дојде до уставни измени за време на овој парламентарен состав.
„Јас и понатаму мислам дека уставните измени ќе бидат направени“, вели Арбер Таравари.
-Во текот на оваа Влада, во следниве месеци?
„Да, верувам дека да“, додава тој.
-Ова го велите како Ваше мислење или имате индикации од опозициските колеги од ВМРО-ДПМНЕ?
„Ако актуелната власт не го вели само туку така дека ќе станеме дел од ЕУ, а од друга страна постапува создавајќи нервоза и тензии кај народот, јас мислам дека можат да го изменаџираат тоа, имаат простор, сега ќе помине со 61, но има простор за уставните измени. Да се изнајде начин за поширок компромис за да се направат уставните измени“, рече Таравари.
Пред неколку дена, министерот Оливер Спасовски во емисијата „Клик21“ рече дека не гледа ништо трагично во Уставот да се вметне било која заедница која живее во Македонија, вклучувајќи ги и Бугарите.
На прашањето околу барањето на Албанците за отстранувањето на дефиницијата 20%, Спасовски рече дека оваа дебата ќе се отвори кога ќе се направат уставните измени.
