Премиерот Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на проширениот дел на ОУ „Блаже Конески“ во општина Аеродром, изјави дека не е изненаден од тврдењата на хирургот Жан Митрев дека поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче наводно барале начин како да дојдат до сопствеништво на неговата приватна клиника.
– Немам што да коментирам, претпоставувам би требало Обвинителството по допрен глас да коментира. Но, мене тоа не ме изненадува. Ние знаевме какви мафијашки упади се случуваа, особено во тој период кога се носеше таа, би рекол, вонредна состојба, кога со уредби со сила на закон се надсинхронизираше законот и Уставот во Македонија, изјави Мицкоски.
Премиерот додаде дека постојат многу сведоштва за однесувањето на владата во тој период, а дека и денес остануваат непримени законски уредби и одлуки на поранешниот претседател Стево Пендаровски, кои треба да бидат разгледани од Собранието.
– Треба да видиме дали можеби има и одговорност од страна на поранешниот претседател пред законите и пред Уставот, бидејќи постојат основани сомневања дека голем дел од тие одлуки се спротивни на закон и спротивни на Уставот. Така што јас ќе чекам да видам Обвинителството дали ќе постапува по допрен глас, истото што го чекаат сите граѓани во Македонија, рече Мицкоски.
Во меѓувреме, поранешниот претседател Стево Пендаровски реагираше на изјавата на премиерот Мицкоски, истакнувајќи дека одлуките за прогласување на вонредна состојба се во согласност со Уставот и законите, што било потврдено од Уставниот суд пред повеќе од пет години.
– Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, државните институции можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат. Сите одлуки беа доставени до Собранието веднаш по завршувањето на таа состојба. Јас разбирам дека ова нема да го спречи Мицкоски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, бидејќи тоа е единствениот начин на кој е научен да владее, се наведува во реакцијата на Пендаровски.
Во меѓувреме, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави тужба за клевета и го повика Жан Митрев да поднесе кривична пријава пред надлежните органи.
