Мицкоски го пречека хрватскиот премиер Пленковиќ: Соработка меѓу двете држави во повеќе области

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски го пречека на билатерална средба хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.За време на средбата се разговараше за продлабочување на соработката меѓу двете земји, со посебен фокус на европската интеграција, економскиот развој и зајакнувањето на регионалното партнерство, како и за  соработката меѓу инвеститорите, компаниите и институциите.

„Договорот што денес го потпишавме дава можност за поинтензивна соработка во неколку стратешки сектори. Ќе работиме на развој на конкретни проекти и иницијативи во транспортот, енергетиката, информатичката технологија, индустријата, производството, здравството, образованието, јавната безбедност, одбраната, сајбер безбедноста и управувањето со границите. Особено е важно што договорот отвора простор за подлабока соработка меѓу институциите, компаниите, инвеститорите, академскиот сектор и експертите од двете земји.“, рече Христијан Мицкоски.

Во меѓувреме, хрватскиот премиер акцентот го стави на патната инфраструктура и соработката меѓу двете држави во областа на безбедноста на транспортерите и олеснувањето на транспортот на стоки.

„Мило ми е што разговаравме и за соработката во сообраќајот. Двете држави се наоѓаат на важен европски транспортен коридор, што за вас има особено значење, и верувам дека ќе продолжиме со инвестициите и ќе обезбедиме полесен транспорт не само за патниците. Драго ми е што Хрватска, со измените за странците и визите за транспортерите, испрати порака до сите соседни држави.“, рече Андреј Пленковиќ.

Двајцата премиери потпишаа договор за стратешка соработка меѓу двете земји, додека Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси на Македонија и Министерството за економија на Хрватска потпишаа меморандум за соработка.