Мицкоски го претпочита ЕСП за коалиција – за ЕСП услов за коалиција се уставните измени!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ би го претпочитала Европскиот сојуз за промени отколку ДУИ доколку по изборите го добијат мандатот за формирање владина коалиција. Според претседателот на оваа партија, Христијан Мицкоски, тоа ќе зависи и од нивната изборна програма, но како што вели посакуван партнер е консолидираната албанска опозиција составена од Меџити, Касами, Гаши и Таравари.

Но, колку е подготвена консолидираната албанска опозиција да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ? За да го дознаеме ова, испративме прашања до една од политичките партии која е составен дел на ЕСП, но оттаму не добивме одговор.

Во врска со ова, првиот човек на Демократското движење, Изет Меџити, пред две недели изјави дека ВМРО на Мицкоски има проблем со уставните измени, но ќе им дадат до знаење дека вредностите на партијата се вредности на Европската Унија.

„Кога велиме со ВМРО кое ВМРО? ВМРО на Груевски е со Али Ахмети и со СДСМ. ВМРО на Мицкоски е нова партија. Има проблем со промена на уставот, нам приоритет ни е интеграцијата на земјата во НАТО и во Европската Унија, како што придонесовме во минатото, ќе придонесеме повторно“, вели Изет Меџити.

На ова прашање одговори и Азир Алиу од Алијансата за Албанците, крилото на Таравари, кој неодамна премина во албанската опозиција.

„Нема да коалицираме со ниту една политичка партија која не е компатибилна со вредностите и политиките на нашата партија. Знаете дека една од вредностите на партијата е Европската Унија, вредностите на Европската Унија. Ова го покажавме не само на хартија туку и на дело. Јасно е дека нема да коалицираме со ниту една политичка партија што е спротивна на нашите вредности и не е во согласност со европските вредности“, порача Азир Алиу.

Според Мицкоски, двата албански блока, односно европскиот фронт предводен од ДУИ и Европскиот сојуз за промени, би биле изедначени по бројот на пратеници. Се предвидува дека двете партии ќе освојат некаде помеѓу 12 и 15 пратеници.