Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, посочи дека со водоводот и снабдувањето со вода управува јавно претпријатие, кое има свое раководство поставено од градоначалникот.
Мицкоски потсети дека градоначалникот на Гостивар бил поддржан од СДСМ на вонредните локални избори, поради што, според него, од опозициската партија не се бара одговорност од градоначалникот.
„Комплетно со водоводот и со снабдувањето со вода на граѓаните на Гостивар стопанисува јавното претпријатие, кое нуди таква услуга. Јавното претпријатие има свое раководство. Раководството го поставува градоначалникот, а градоначалникот беше поддржан на вонредните избори од страна на СДСМ“, изјави Мицкоски.
Премиерот оцени дека СДСМ, наместо одговорност од локалната власт, ја насочува вината кон Владата.
„Вие нема да слушнете од страна на СДСМ одговорност од градоначалникот, бидејќи тоа е нивен кадар, туку ќе слушнете дека бараат одговорност оттаму каде што таа одговорност ја нема“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата, според него, направила сè што било во нејзина моќ за нормализирање на состојбата во Гостивар.
„Од страна на Владата ние дадовме сè што можевме состојбата да се нормализира како никогаш досега“, порача премиерот.
Мицкоски истакна дека за помалку од четири недели системот бил целосно прочистен, оценувајќи дека тоа е направено во досега невиден рок.
