Мицкоски: Горд сум на мултиетничка и мултиконфесионална Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски ги претстави владините приоритети, инфраструктурните проекти и економските резултати во изминатиот период, обраќајќи се на настан на албанската заедница во САД и во регионот од кој потекнува.

Мицкоски во обраќањето ја опиша Северна Македонија како мултиетничка и мултиконфесионална држава, во која Македонците, Албанците и припадниците на другите заедници, како и христијаните и муслиманите, живеат заедно.

„Јас доаѓам од мултиетничка и мултиконфесионална земја каде што Македонците, Албанците и другите, каде што христијаните и муслиманите живеат еден до друг во мир, во единство и во кохезија. И јас сум горд на тоа“, рече Мицкоски, пренесува дописникот на ТВ21 од Њу Јорк.

Говорејќи за владините приоритети, тој особено се осврна на инфраструктурното поврзување и стратешката позиција на земјата. Според него, Македонија се наоѓа на крстопатот на два паневропски коридори – Коридор 10 и Коридор 8.

„Нашата најголема предност е фактот што сме природна раскрсница на два пан-европски коридори, Коридор 10 и Коридор 8“, истакна премиерот.

Тој посочи дека владин приоритет е развојот на патната, железничката и енергетската инфраструктура, со изградба на нови автопати и експресни патишта, како и унапредување на железничката мрежа.

Мицкоски говореше и за енергетското поврзување, при што го спомена поврзувањето на енергетскиот терминал Александруполи во Грција со Северна Македонија и понатаму кон север, кон Централна Европа.

Во делот на економијата, премиерот ги презентираше податоците за растот на БДП. Тој рече дека 2024 година била завршена со реален раст од околу 3 проценти, додека номиналниот раст бил над 6,5 проценти.

За 2025 година, според неговите зборови, растот на БДП бил над 3,5 проценти, со номинален раст над 8 проценти.

Мицкоски се осврна и на податоците за 2026 година, посочувајќи дека во првата половина од годината реалниот раст на БДП бил над 3,7 проценти.

„И сега, во првата половина од оваа година, 2026, растот на БДП е над 3,7%. Последните податоци за вториот квартал беа реален раст на БДП“, рече Мицкоски.

Во обраќањето тој истакна дека Владата, како што рече, е фокусирана на развојот на инфраструктурата, енергетското поврзување и економскиот раст.