Мицкоски: Градоначалникот на Карпош не поднел оставка, тој е на боледување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, не поднел оставка, објавува ТВ21.

Мицкоски рече дека Лукровски е на боледување.

„Не знам од каде го извадивте заклучокот дека градоначалникот на Карпош поднел оставка. Градоначалникот на Карпош е на боледување. Моментално, во општината имаме легално избран заменик, кој го заменува градоначалникот кој е на боледување, поради одредени здравствени проблеми“, рече Мицкоски, и ги критикуваше политичките обвинувања, и му посака на Сотир Лукровски брзо закрепнување.

Инаку деновиве опозициските СДСМ и ГРОМ повеќе пати изнесуваа тврдења дека Лукровски поднел оставка. СДСМ критикуваше дека Општина Карпош е во сериозна институционална и политичка криза, а актуелниот градоначалник Лукровски ја губи контролата врз управувањето со неа. И екс-градоначалникот и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски, преку јавни настапи и објави на Фејсбук тврдеше дека Лукровски веќе поднел и „втора оставка“, но дека ВМРО-ДПМНЕ не му дозволува формално да се повлече од функцијата. Тој обвини дека Карпош е оставен во застој и дека со општината фактички управуваат партиски структури наместо избраниот градоначалник.