Мицкоски: Граѓаните едвај врзуваат крај со крај – Ковачевски: Покажавме дека можеме и се справивме со предизвиците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За опозицијата Владата на Ковачевски е самобендисана, оти мерките усвоени вчера во Собрание биле предлог на ВМРО-ДПМНЕ уште пред три недели, рече претседателот на партијата Христијан Мицкоски од Свети Николе.

„Не мислам дека мерките се на време и не мислам дека драматично ќе ја подобрат состојбата. Напротив го фрустрираат дополнително народот и никој денеска не верува во капацитетите на оваа Влада“, истакна Христијан Мицкоски.

Во обраќање до медиумите без можност за новинарски прашања и овој викенд се јави премиерот Димитар Ковачевски. Вели дека новата влада во изминатите 50 дена покажала дека умее да се справи со предизвиците.

„Силно ги субвенционираме граѓаните за електрична енергија, го решивме проблемот со затоплување во Скопје, ги поддржавме финансиски ранливите категории на граѓани за струја и купување основни производи, а преку низа мерки ги одржуваме цените на основните производи стабилни. Со новиот пакет 26 мерки 400 милиони евра од буџетот насочуваме за поддршка на граѓаните и компаниите“, посочи Димитар Ковачевски.

Неговиот опонент не се согласува со ова, оти како што вели постојат два паралелни света.

„Тоа се два паралелни света. Едниот каде што огромно мнозинство македонски граѓани живеат, а тоа е оној свет каде што луѓето едвај крај со крај врзуваат од 1-ви до 1-ви и оној каде што малкумина послушници на Заевизмот кој што прв е сега Ковачевски живеат и печалат на грбот на граѓаните. Едниот свет е реалниот, а другиот е оној паралелниот во кој граѓаните живеат во Заевизмот, а ги раководи Ковачевски“, вели Мицкоски.

Од СДСМ велат дека се справуваат со предизвиците, потенцирајќи јаи зголемената минимална плата на 18.000 денари и како што велат „рекордно покачување на пензиите“.

„Со мерките го укинуваме ДДВ за основните производи храна, 0%. Лебот, брашното, маслото за јадење, млекото, шеќерот, месото, јајцата и оризот се опфатени со оваа мерка. Дополнително ги укинуваме и царинските давачки за увозот на основните прехранбени производи. Маржите за основните производи храна ги замрзнуваме за да нема наднормален профит врз грбот на граѓаните. Со овие мерки го ублажуваме ценовниот шок врз клучните производи храна“, посочи Дарко Каевски.

Новите мерки кои ги донесе Собранието, денеска итно беа објавени во Службен весник со што веднаш слегуваат на сила.