Мицкоски и Филипче ги вкрстија копјата на собраниската седница за пратенички прашања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Седницата за пратенички прашања во Собранието помина во знакот на остра политичка пресметка меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Додека Филипче ја обвини Владата дека по две години не исполнила ниту едно од клучните ветувања дадени пред граѓаните, Мицкоски возврати дека разочараноста кај граѓаните произлегува од недостигот на правда и неказнивоста на поранешните функционери.

Во своето обраќање, Филипче потсети на ветувањата што ВМРО-ДПМНЕ ги давала пред изборите, меѓу кои повисок животен стандард, економски развој, повисоки плати, повеќе инвестиции, поддршка за земјоделците, реформи и напредок кон Европската Унија.

Според него, по две години од мандатот, граѓаните не добиле ништо од ветеното.

„Граѓаните не добија подобар живот, не добија повисок стандард, не добија функционални институции, не добија правда и не добија европска иднина“, рече Филипче, додавајќи дека наместо напредок, државата се соочува со поскап живот, задолжување, партизирани институции и корупција.

Тој оцени дека двегодишниот биланс на Владата може да се сведе на „една голема нула“ и го повика премиерот да признае дека не ги исполнил ветувањата дадени пред граѓаните.

Одговарајќи на критиките, премиерот Мицкоски порача дека причината поради која дел од граѓаните размислуваат да ја напуштат државата не е недостатокот на перспектива, туку недовербата во правосудниот систем и институциите.

„Знаете ли зошто луѓето се разочарани? Затоа што ве гледаат вас во Дубаи како уживате на концерт на Харис Џиновиќ, а не сте во затвор. Затоа што гледаат поранешни функционери како уживаат на јахти, наместо да одговараат за своите постапки“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека чувствува одговорност затоа што, како што рече, поранешни функционери сè уште не се соочиле со правна разрешница и вети дека граѓаните нема повторно да бидат разочарани од недостатокот на правда.

Размената на обвинувања меѓу двајцата политички лидери уште еднаш ги отвори прашањата за економските резултати на Владата, владеењето на правото и одговорноста на поранешните носители на јавни функции.