Мицкоски и Сали со експертите за законско решение – студентите ќе бидат информирани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Вчера имавте состанок со работната група за правосудниот испит, за што се договоривте?“

„За ништо!“

Потоа премиерот изјави дека работните групи не се спротивставени страни, туку партнери во Владата и дека се приближуваат кон решение во рамки на Уставот и меѓународните стандарди.

„Ние не преговараме! Ние сме коалициски партнери и разговараме за секоја тема. Ако ме прашате дали разговаравме како партнери, да – разговаравме и мислам дека се движиме кон решение според Уставот и меѓународните стандарди.“, рече Христијан Мицкоски.

Првиот вицепремиер Беким Сали даде повеќе детали, велејќи дека состанокот на работните групи бил финален меѓу експертите и политичките актери. Тој нагласи дека финалниот нацрт ќе оди во владина процедура, а студентите ќе бидат информирани дури по усвојување во Собранието.

„Ние сме политичари и за решавање на проблемите на студентите се консултираме со експерти. Студентите ќе бидат информирани кога процесот ќе заврши, бидејќи експертите го прават предлогот, политичките актери постигнуваат договор, а потоа сето тоа оди во Собрание. Кога ќе биде усвоено во Парламентот, студентите ќе бидат информирани за конечниот текст.“, вели Беким Сали.

Оваа ситуација и понатаму предизвикува незадоволство кај студентите по право, кои се против предлогот на власта за, како што велат, „полурешение“, според кое теоретскиот дел од испитот би се полагал на албански јазик, додека практичниот дел би бил на македонски јазик во период од една до две години, додека студентите не се оспособат за работа во правни канцеларии, нотарии или државни институции. Студентите најавуваат нови протести доколку конечното решение не биде целосно прифатливо.