Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски, денеска се обратија од местото каде што се сместени 40 тони запленета марихуана. Од таму испратија пораки дека се преземаат чекори да се расветли случајот, но и мерки да не се повторат вакви појави.
„Денеска имаме прилика да ги видиме овие 40 тона првично одземена марихуана, кои ги најдовме во првичната фаза во истрагата. Станува збор за марихуана која е произведувана, складирана и чувана надвор од протоколите, значи незаконски истата е третирана од страна на фирмите од каде беше одземена. Истата ја складиравме во МВР, се со цел да биде искористена во рамки на доказната постапка. Продолжуваме со сите активности во делот на истрагата, и со останатите обвинителства во Македонија кои беа вклучени во овој процес, се преземаат сите чекори за да го расветлиме овој случај. Минатите години на негрижа, денеска предизвикуваат огромни штетни последици и ќе биде и тоа каков предизвик да ги решиме. Но, во соработка со сите надлежни институции, сметам дека во еден разумен временски период ќе делуваме соодветно и да го отстраниме сето ова незаконско произведена дрога“, рече Тошковски.
„Ова што позади мене што може да го видите, е дел од оние 40 тона на цвет од канабис, нешто кое претставува резултат на едни погрешни политики и на време кое не би сакале да го повториме. Очекувам денеска на Влада да се донесе одлука да се продолжи со оваа акција, и да се испитаат сите компании и да се утврди кои се тие кои го изиграле законот. Сакам да испратам порака до сите оние кои одлучиле дека криминалот е исплатлива работа, можеби тоа било така во некои други околности и други времиња, но денеска криминалот не се исплати. Ќе бидете пронајдени и жестоко казнети кои мислите дека криминалот се исплати“, рече Мицкоски.
