Изборот на Државен јавен обвинител мора да биде заснован на квалитет, не на подобност-му порача обвинителката Ленче Ристоска, на премиерот Христијан Мицкоски, откако тој вчера јавно, од телевизиско интервју, ја исклучи од трката за кандидат кој Владата ќе го разгледува за избор на нов Државен обвинител.
-Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат. Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност, изјави јавната обвинителка, Ленче Ристоска.
Премиерот Мицкоски вчера во телевизиско интервју прашан дали се во игра сите четворица кандидати од листата која до Владата ја испрати Советот на јавни обвинители, вклучително и Ленче Ристоска, одговори:
-Апсолутно не се сите во игра и мојот став поврзано со тоа име е апсолутно дека тоа име не е во игра, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
По изјавата на премиерот се разгоре и партиската реторика. Опозициската СДСМ го обвини Мицкоски за директно мешање во изборот на нов државен јавен обвинител и „погребување“ на правната држава.
-Иако Ристовска доби максимални 10 од 10 поени од Советот на јавни обвинители и позитивна оценка за својата професионалност и стручност. Мицкоски сам одлучува дека таа „не е во игра“, во живо, на телевизија. Независен јавен обвинител не му одговара на Мицкоски затоа што не може да го контролира, велат од СДСМ.
Се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ. Велат Ристоска која е навикната на подобноста од времето на СЈО, мора да знае дека ова се други времиња
-Мора да сме искрени, подобноста е најсилниот атрибут и особина на Ристовска и нејзиниот неизбор е токму сигнал дека тоа овде не е пресудно, туку далеку поразлични и побитни критериуми, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Членовите на Советот на јавните обвинители, покрај за Ристоска, дадоа позитивно мислење за обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Лидија Раичевиќ и за судијата Ненад Савески. Од трката отпадна поранешниот кривичен судија Владимир Панчевски. На потег сега е Владата која ќе одлучи чие име ќе испрати до Собранието, кое треба да го избере новиот Државен обвинител.
