Пеколна работна динамика најави мандатарот за формирање Влада, Христијан Мицкоски, при претставувањето на владината програма пред пратениците во Собранието. Нови инвестиции, проекти за економски развој, пониски даноци, зголемување на пензиите, зголемување на платите, зголемување од 5% на бруто домашниот производ и годишна инфлација од 2-2,5%, како и намалување на невработеноста на 7% се дел од главните ветувањата на идниот премиер. Мицкоски во своето излагање рече дека иако се уште не седнал добро во својата премиерска фотелја, во вторник на 25 јуни ќе промовира инвестиција од 400 милиони евра.
Мицкоски ги предупреди предложените министри дека нема да ги толерира тие кои не работат. Истакна дека ќе бидат под постојан надзор.
Но, според СДСМ оваа програма на Мицкоски не ги содржи ветувањата кои ВМРО-ДПМНЕ им ги даде на граѓаните. Од оваа партија прв се огласи пратеникот, Оливер Спасовски, кој рече дека во програмата има само ветувања, но не и конкретни чекори.
Славјанка Петровска, пратеничка од редовите на СДСМ, побара објаснување за неколку прашања.
Седницата продолжи со процедурални, реплики и контрареплики меѓу пратениците, а расправата најмногу се водеше за досегашната работа на Владата. За збор се пријавија вкупно 50 пратеници, додека рокот за гласање на новата влада е недела на полноќ.
