На барање на премиерот Христијан Мицкоски, Министерството за финансии ја донело одлуката за стопирање на исплатата на парите од ИПАРД. Причината, била да се истражат сите злоупотреби бидејќи има сомнежи дека не се случувале само сега туку и претходно. На прашањето дали ЕУ ги блокира парите од ИПАРД, премиерот вели дека не се блокирани туку напротив, акцијата е поздравена како позитивна од страна на Европската комисија.
„Да, јас тоа го побарав затоа што мораме да видиме до каде одат злоупотребите, затоа што првичните информации велат дека не е тоа само од сега и наназад е правено. Така што се ќе истражиме. Се ќе истражиме и секој што мисли дека така ќе помине се лаже. Има да одговараат сите од прв до последен, кој сака нека е“, изјави Мицкоски.

Од СДСМ велат штетите врз земјоделците се огромни по суспензијата на ИПАРД. Бараат власта да ги објави бројките и да го разреши Трипуновски. Велат ваквите суспензии може да траат две до три години, а прашање е дали воопшто ИПАРД програмата по ваков скандал ќе продолжи.
„Откако скандалот кој го најави СДСМ се потврди, денес е време власта да почне да одговара на клучните прашања кои ги засегаат и земјоделците и јавноста, но и време е конечно да видиме оставка од Трипуновски кој избегнува одговорност пред јавноста. Јавноста и граѓаните треба да знаат дека ИПАРД средствата кои се сега суспендирани се доделуваат како 50% грант за земјоделците, а 50% тие сами обезбедуваат за секој проект.“, изјави Богданка Кузеска.

Од Канцеларијата на ЕУ во земјава со одговор дека Европската комисија побарала дополнителни информации од нашите институции и како што велат ја задржуваат можноста да преземат превентивни мерки за заштита на финансиските интереси на ЕУ.
„Ја поздравуваме одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од ИПАРД III додека не се разјаснат околностите. Со оглед на тоа дека во моментов во тек е истрага, не би можеле да дадеме дополнителни коментари. Очекуваме институциите од Северна Македонија да постапуваат со целосна сериозност по ова прашање. ЕУ останува посветена на обезбедување поддршка за фармерите, земјоделството и руралните области, доколку средствата од ЕУ се обезбедени соодветно, велат од ЕУ.

Инаку, актуелниот директор на Платежната агенција, Илија Стоилев беше фатен како прима поткуп од 400 евра. Тоа било прва рата од ветените 50 илјади евра. Парите му ги понудил поранешниот министер за локална самоуправа и правда, Џевдет Насуфи кој сега е сопственик на агро фирма во Струга. Насуфи се гони за давање поткуп и давање награда за противзаконито влијание. Стоилев е осомничен за примање поткуп. Тие завршија во притвор со уште двајца осомничени, а петтата осомничена е во куќен притвор.
