Премиерот Христијан Мицкоски го повика Јавното обвинителство да покрене истрага за тврдењето на кардиохирургот Жан Митрев дека во екот на пандемијата Венко Филипче заедно со Зоран Заев сакале да ја преземат неговата болница. Мицкоски дури и изрази сомнеж за поранешниот претседател Стево Пендаровски.
„Вие знаете сè уште тие законски уредби и одлуки на Пендаровски Стево во тој период стојат непоминати во Собранието. Треба да видиме и Собранието да се произнесе во периодот што следи, што со тоа, дали можеби има одговорност тука од страна на поранешниот претседател Пендаровски Стево и пред законите и пред Уставот затоа што постојат основани сомневања дека голем дел од тие одлуки се спротивни на закон и спротивни на Устав. Така што еве јас ќе чекам да видам Обвинителството дали ќе постапува по допрен глас“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Со реакција на својот Фејсбук се јави експретседателот Стево Пендаровски кој вели дека иако немал намера да му реплицира на Мицкоски за покривање на, како што вели, катастрофалните резултати, сепак појаснува дека Уставниот суд уште пред повеќе од 5 години потврди дека одлуките за вонредна состојба се во согласност со Уставот и законите.
„Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции кои сега се под тотална контрола на Мицкоски можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат. Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицкоски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, вели поранешниот претседател Стево Пендаровски.
Од СДСМ пак, преку соопштение велат дека нивниот претседател Филипче е цел на лаги и измислици од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел да ја дефокусираат јавноста од проблемите во државава. Филипче вчера најави тужба против партијата.
„ВМРО ја помина секоја граница, а јас преку ова нема да поминам. Ова не е политика и веројатно веќе дефинитивно во Македонија на сите им е јасно што прават. Нема одговор на вистинските прашања за дупката во Буџетот од 2 милијарди евра, за тоа што нема пари да се зголемат платите и пензиите, за мигрантите, за црниот капитал преку Алта банка, за корумпираните постапки тендерски насекаде во државата, за тоа што исплаќаат луѓе да ги поддржуваат“, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Ваквите засилени политички реакции доаѓаат откако деновиве Жан Митрев во едно телевизиско интервју рече дека во време на кризата со корона вирусот имал притисоци од Заев и Филипче да им ја препушти болницата.
