При посетата во Велес, премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, информираше дека денеска на владина седница ќе се донесе одлука за намалување на ДДВ за дизелот, уште една мерка чија цел е да се ублажи ценовниот удар од светската енергетска криза.
„Мерки веќе имаме, намалени акцизи и за дизел и за безоловното гориво. Во текот на денот денеска ќе имаме повторно владина седница преку видео врска и ќе донесеме уште една мерка, а тоа е намалување на данокот на додадена вредност за дизел горивата од осумнаесет на десет проценти, со што очекуваме наместо да има драматично зголемување, да има намалување на цената на дизел горивото“, изјави Мицкоски.
Тој смета дека тоа ќе има импликации врз буџетот, но како што рече интерес на владата е да го штити колку може, умее и знае стандардот на граѓаните.
„Така што ќе се бориме. Не е лесно. Имаме, гледате, светски предизвици, неколку војни во нашето најблиско соседство, најголема енергетска криза која што човештвото ја памети. Но ете, жилави сме, ќе се бориме, имаме сè уште и, ќе остане така, убедливо најниска цена за горивата“, рече Мицкоски.
