„Шеин“ и „Тему“ под удар во Франција, воведени нови еко – давачки за евтината облека

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Франција почна да применува нови еколошки давачки за таканаречената ултрабрза мода, што ќе значи поголеми цени за евтината облека од интернет-платформите „Шеин“ и „Тему“.

Висината на давачката зависи од видот и цената – за поевтини артикли, како чорапи, може да изнесува околу 25 евроценти, додека кај палтата и други поскапи парчиња може да достигне до 12 евра. Износот е ограничен на најмногу половина од цената на производот пред оданочување.

Со мерката, француските власти сакаат да го намалат огромниот број евтини модни производи што секојдневно се нудат преку интернет. При пресметката ќе се земаат предвид количината на понудени производи, нивната трајност и можноста за поправка.

На удар особено се компаниите чиј деловен модел се темели на илјадници нови модели, ниски цени и директна испорака од Азија. „Шеин“ и „Тему“ во последните години силно го променија европскиот пазар и презедоа дел од купувачите на традиционалните модни синџири.

Притисокот врз овие платформи ќе продолжи и на ниво на целата ЕУ. Земјите членки треба постепено да воведуваат пошироки правила, според кои производителите и продавачите ќе плаќаат поголем дел од трошоците поврзани со отпадот од текстил.

„Тему“ и „Шеин“ станаа добро познати и кај нас и се интересни и за граѓаните на Македонија. Оваа давачка не се применува на нарачките во Македонија, но покажува во која насока оди европската политика кон евтините пратки и ултрабрзата мода.