Мицкоски: Коридорот 8 и 10Д ќе поскапи за милијарда евра – ДУИ: Му благодариме на Мицкоски што ја поддржува изградбата на коридорот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Целосната сума за изградбата на коридорите 8 и 10Д наместо  1,3 милијарди евра ќе порасне до 2,3 милијарди евра, оцени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите. Ваквата проценка тој ја темели на тоа што, како што тврди, во договорот се предвидени пенали, но има и ставки за трошоци за кои не е предвидено колку ќе чинат.  Повикувајќи се на Договорот кој пред себе го имаше на брифингот, Мицкоски вели дека предвидени се пенали по три основи.

„Најмалку 63 милиони евра треба да се платат пенали на Бехтел и Енка затоа што не е променет Законот за работни односи за 60 часовна работна недела а рокот на исплатата е до 6 мај. Истовремено државата ќе треба да плаќа на изведувачот по милион и 265 илјади евра секој месец до завршувањето на проектот и 900 илјади евра секој месец додека не се донесе Законот“, вели Христијан Мицкоски.

Вели дека во договорот постојат ставки како што се осветлувања на автопатите и тунелите и нивна вентилација, потоа електрификација на автопатот, наплатни рампи и друго за кои не се наведени суми колку ќе чинат, што според него ќе ја зголемат сумата за 30 проценти, односно за една милијарда евра.

„Првата обврска која ја презема државата е исплата на аванс од 50 милиони евра, а втората ставка како финансиска обврска е исплата од 117 милиони евра на изведувачот за подготовка на градилиштето. Има точка за менаџирање на проектот за 3 милиони ера. Тоа се 172 милиони евра авансно плаќање до сега. Излегува дека треба да платиме 300 милиони евра со пеналите заедно, а уште лопата не е фрлена“, додава Христијан Мицкоски.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека почнале постапките за проектирање и коридорите 8 и 10Д ќе почнат да се градат, а договорот ќе се презентира пред пратениците со безбедносен сертификат.

„Имаме коридор 8 и 10Д кои што ќе почнат да се градат бидејќи веќе почнаа постапките за проектирање бидејќи се работи за договор кој што е проектирање и изведба. Тимот на Владата е подготвен на Комисија или на тело што ќе го определи Собранието веднаш да отиде и да го презентира Договорот со сите негови детали пред сите пратеници кои што поседуваат соодветен безбедносен сертификат“, вели Димитар Ковачевски.

На изјавата на Мицкоски дека не е против изградбата на коридорите од ДУИ со коментар дека ја поздравуваат нивната поддршка.

„Демократската унија за интеграција ја поздравува поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за изградбата на коридорите 8 и 10Д искажана од страна на Христијан Мицкоски. Договорот е обврска која што пратениците едногласно ја усвоија и обврзаа Владата да постапки. Проектот за изградба на автопатите на Коридорот 8 и 10Д е амбициозен проект од национално значење за изградба на 109 километри автопат за 57 месеци“, порачаа од ДУИ.

Американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка е предвидено да ги гради четирите автопатски делници од коридорот 8 и 10Д. Рокот на изведба е до 2027 година.