Македонија во моментов има најниски цени на горивата во споредба со земјите од регионот, оцени премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.
Тој посочи дека начинот на кој државата реагирала во периодот на енергетската криза овозможил граѓаните да не го почувствуваат целосниот удар од растот на цените на светските пазари.
Според Мицкоски, Владата не создавала паника, туку презела мерки со кои, како што рече, кризата била амортизирана.
„Резултатот е дека имаме најниски цени убедливо денеска и во текот на кризата, но денеска ако ги споредите цените, ние имаме убедливо најниска цена на горивата“, изјави премиерот.
Тој направи споредба со повеќе земји од регионот, посочувајќи дека во Србија дизелот се продава за околу 1,85 евра за литар, додека бензинот е околу 1,63 евра. Во Хрватска и Словенија, според него, цените се движат од околу 1,60 до 1,85 евра, додека во Босна и Херцеговина и Црна Гора се повисоки отколку во Македонија.
Во Македонија, како што наведе Мицкоски, дизел горивото се продава за околу 1,31 евро за литар, а безоловниот бензин за околу 1,36 евра.
Тој нагласи дека горивата се берзанска стока и дека цените на изворните пазари се слични, но разликите, според него, произлегуваат од домашните политики и мерки.
Мицкоски посочи дека намалувањето на даноците и акцизите било надоместено преку зголемена потрошувачка, бидејќи дел од граѓаните од соседните земји почнале да точат гориво во Македонија.
Премиерот додаде дека во следниот период не се планираат дополнителни мерки, бидејќи очекува понатамошно намалување на цените.
Според него, доколку трендот на пад продолжи, во наредниот период може да следува ново поевтинување на бензинот и дизелот, што би требало да се одрази и врз цените во транспортниот сектор.
